Компаниите што котираат на Македонската берза на долгорочни хартии од вредност минатата година оствариле нето-добивка од 4,46 милијарди денари, или 72,5 милиони евра, што е за 7 отсто помалку од нето-добивката во 2013 година. Ова го покажуваат сублимираните резултати од финансиските извештаи на вкупно 110 акционерски друштва кои до предвидениот рок, 16 март, ги доставија до берзата билансите за работењето во текот на 2014 година. На Берзата, инаку, котираат акциите на вкупно 115 компании, но пет од нив не ја извршиле обврската во предвидениот рок. Од вкупно 110 акционерски друштва, 71 искажале добивка, а 39 загуба, велат од Берзата. Вкупната добивка на оние што работеле позитивно изнесува 7,3 милијарди денари, или околу 118,7 милиони евра. Од друга страна, оние што минатата година имале тешкотии во работењето, заедно имале загуба од 2,8 милијарди денари или 45,5 милиони евра.
Компаниите што котираат на Македонската берза на долгорочни хартии од вредност минатата година оствариле нето-добивка од 4,46 милијарди денари, или 72,5 милиони евра, што е за 7 отсто помалку од нето-добивката во 2013 година.
Ова го покажуваат сублимираните резултати од финансиските извештаи на вкупно 110 акционерски друштва кои до предвидениот рок, 16 март, ги доставија до берзата билансите за работењето во текот на 2014 година. На Берзата, инаку, котираат акциите на вкупно 115 компании, но пет од нив не ја извршиле обврската во предвидениот рок.
„Од вкупно 110 акционерски друштва, 71 искажале добивка, а 39 загуба“, велат од Берзата. Вкупната добивка на оние што работеле позитивно изнесува 7,3 милијарди денари, или околу 118,7 милиони евра. Од друга страна, оние што минатата година имале тешкотии во работењето, заедно имале загуба од 2,8 милијарди денари или 45,5 милиони евра.
„Генерално, резултатите на фирмите што ги следиме на Берзата се во рамките на она што се очекуваше и се слични од претходната година“, вели првиот човек на инвестицискиот фонд „Илирика“, Коста Костадиновски. Според него, најпријатно изненадување е резултатот на Стопанска банка Скопје која минатата година ја зголеми добивката, на и онака солидниот профит што го имаше во 2013 година. „Другите компании се во рамките на очекувањата, ’Алкалоид‘ е со стабилен пораст на профитот и на продажбата, слично е и работењето на ’Витаминка‘. Добро работеа и градежните компании, како ’Бетон’ - Скопје и ’Бетон’ - Штип, а веројатно тоа ќе го покажат и резултатите на ’Гранит‘ кој најави мало доцнење на финансиските извештаи поради објективни причини, односно виша сила. Резултатите на градежните компании не се изненадување, со оглед на градежната активност во земјата, а во овој контекст е и резултатот на цементарницата ’Усје‘“, вели Костадиновски.
Инаку, според доставените финансиски извештаи, најголем профит лани имаше Стопанска банка Скопје од 1,5 милијарди денари, потоа Македонски телеком со 880 милиони денари, НЛБ Тутунска банка со 672,6 милиони денари, „Алкалоид“ со 618,5 милиони денари, Мермерен комбинат Прилеп со 422 милиони, Охридска банка со 232 милиони, Стопанска банка Битола со 159,7 милиони, „Македонија турист“ со 151 милион и Комерцијална банка со 97,8 милиони денари. Од друга страна, најголеми загуби минатата година имале „Арцелор митал ЦРМ“ - 769,7 милиони денари, „Окта“ - 500,8 милиони, ФЗЦ „11 Октомври“ - 254,2 милиони, „Охис“ - 201,8 и „Жито лукс“ - 146,1 милион денари.
Берзанските аналитичари за годинава не очекуваат големи промени во работењето и на резултатите што ќе ги остварат фирмите. Тоа, пред се', ќе зависи од порачките што тие ќе ги добиваат од партнерите од странство, со оглед дека капацитетот на домашниот пазар е ограничен.
„Не очекуваме нешто спектакуларно“, вели Костадиновски додавајќи дека можеби единствено во наредниот период ќе има поголем мотив кај компаниите да се подели дивиденда, со оглед дека сега се оданочува целата добивка, откако престана да важи антикризната мерка со која од оданочување беше изземена нераспределената добивка.